Ѓер го совлада Есбјерг во првиот полуфинален напревар на завршниот тирнир во Лигата на шампиони за жени со 32:27 и обезбеди ново финале и шанса за нова европска титула.
Една од најдобрите во составот на Ѓер беше поранешната голманка на Вардар, Амандин Лејно која во клучните моменти бранеше фантастично и го носеше својот тим кон победа. После натпреварот Лејно зборуваше за 24Ракомет за натпреварот и времето во Скопје и Вардар.
„Го покажав најдоброто што можев, целата екипа работеше многу напорно за да најдеме решенија за противничкиот тим кој беше навистина одличен. Не се предадовме во ниту еден момент, бевме максимално фокусирани и тоа ни го донесе овој резултат. Уживав во натпреварот, ова беше полуфинале и навистина уживав да играв во прекрасната арена“, прокоментира голманката.
Во пресрет на финалниот натпервар Лејно очекува добар натпревар било кој и да е нивни противник.
„Јас играв за Мец и навистина го сакам тој клуб, но и Кристиајнсанд игра одлично и заслужува финале. Сепак не е мој избор кој ќе биде во финалето само се надевам дека тоа ќе биде одличен натпревар“, рече Лејно.
Французинаката во утрешното финале на завршниот турнир ќе го одигра последниот натпревар во својата кариера, секако би бил перфектен крај на играчката кариера доколку се закити со нов трофеј.
„Секогаш е тешко да се донесе ваква одлука, го сакам тоа што го правам и уживам. Но сметам дека е вистинско време за мене да ја донесам оваа одлука. Среќна сум што сум тука во финалето на фајнал-форот во мојот последен натпревар во кариерата“, продолжи Лејно.
Одличната голманка помина пет години во дресот на Вардар и имаше забележителен придонес во успесите на екипата, од Скопје таа има само убави спомени и планира повторно да се врати, но не на теренот туку на одмор.
„Навистина го сакам Скопје и Вардар и ми недостасуваат, секако дека ќе одам на одмор во Скопје. Периодот поминат таму ме направи подобра и навистина сакав да играм таму. Дефинитивно ќе одам во Скопје. Откако си заминав од Вардар не сум била, а сакав и дури имав резервирано билет, но тогаш беше периодот на Ковид и не успеав да отпатувам. Но од септември ќе имам повеќе време и секако дека ќе одам“, заврши Лејно.
Финелето во Лигата на шампиони за жени се игра во недела со почеток во 18 часот, а Ѓер го очекува подобриот од вториот полуфинален дуел помеѓу Мец и Кристијансанд.