Репрезентацијата на Словенија има успешни настапи во досегашниот тек на Мундијалот во Полска и Шведска, но иако шансите за четвртфинале се загубени, останува можноста за пласман во олимписките квалификации, за што би било доволно деветтото, односно десеттото место.
Четата на Урош Зорман стартуваше со две победи против Саудиска Арабија и Полска во групната фаза, по што следуваше пораз од посилната Франција. Почетокот на втората фаза започна со убедлив триумф над селекцијата на Иран, па следуваше пораз од Шпанија, а денеска Словенците одат на мегдан на Црна Гора.
Еден од подобрите на теренот во редовите на „змајчеки“ е голманот на Еурофарм Пелистер, Урбан Лесјак. Тој одлично се вклопува во плановите на Зорман за нов бран во репрезентацијата, а популарниот Леси веќе има собрано 61 настап за својата репрезентација. Покрај очекувањата за престојниот Мундијал, Лесјак за словенечките медиуми со воодушевување говори за својот нов клуб Еурофарм Пелистер и градот Битола.
,,Малиот и преубав град Хановер е тотално различна средина од Битола. Навивачите во Битола можат да создадат пеколна атмосфера. Ако спомнав дека луѓето во Целје живеат за ракомет, тогаш во Битола тоа е страст. Клубот е на вистинскиот пат, одлична организација, ќе се гради нова сала, задоволен сум”, вели Лесјак.
Подршката од семесјтвото е секако еден од клучните фактори со кои се комплетира убавата слика од престојот во Македонија. Лесјак ги има синот Јон, ќерката Иза, а со сопругата Петра очекуваат уште едно дете.
,,Заедно живееме во Битола. Има модерна англиско-македонска градинка која е подобра од онаа во Хановер, убав стан во центарот на градот а до салата одам пешки, навистина не можам да се пожалам”, додава Лесјак.
По завршувањето на СП, Лесјак ќе му се приклучи на подготовките на Еурофарм Пелистер и веројатно ќе биде дел од пресметките во регионалната СЕХА лига против Војводина и Нексе.