Ракометарите на Еурофарм Пелистер ги очекува решавачкиот натпревар од Лигата на Европа за пласман во осминафиналето против Мотор Запорожје.
Голманот Урбан Лесјак посакува неговиот тим повторно да одигра натпревар како оној на гостувањето кај Мотор во Германија.
„Многу е важно што сами одлучуваме за нашата судбина. В раце имаме можност да стигнеме и до трето место во групата, што сега е наша цел. Екипата на Мотор е искусна, добар микс на зрели и млади ракометари. На гостувањето кај нив одигравме еден од подобрите натпревари и сакаме тоа да го повториме пред нашата публика. Мотор е во форма, направи чекор напред и можеше тоа да се забележи и со победата над Бидасоа. Нам ни преостанува добро да се спремиме, да го прегледаме видео материјалот, да направиме тактичка припрема и да играме на победа. Од денес до следната сабота играме четири натпревари и многу е важно да имаме голем ростер и играчите кои почнуваат од клупа, да внесат свежина. Тоа за секоја екипа е многу важно“, вели Лесјак.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Мотор Запорожје се игра во салата „Боро Чурлевски“ со почеток во 20:45 часот.