Ракометарите на Ловќен во саботата против Будуќност го одбранија Куп трофејот во Црна Гора откако триумфираа со седум гола разлика 32:25, а ден подоцна го одиграа последниот натпревар сезонава совладувајќи ја Сутјеска со 41:30 во последното коло од домашната лига.
Натпреварот против Сутјеска беше последен за еден од легендите на Ловќен, Игор Марковиќ, кој реши да ја заврши својата играчка кариера на 41 година. Во 2004 година беше дел од тогашната репрезентација на Србија и Црна Гора, која беше под водство на Веселин Вујовиќ. По осамостојувањето на Црна Гора, Марковиќ даде голем придонес во црногорската репрезентација.
Екс репрезентативецот на Црна Гора со освоената титула во Купот на најдобар можен начин ја заврши играчката кариера, иако со неговите соиграчи не успеаја да ја одбранат титулата во домашниот шампионат.
Марковиќ во следниот период целосно ќе се посвети на тренерската кариера, во која работи како тренер во вториот тим на Будуќност, кој е извор на млади и талентирани ракометарки, кои што подоцна се селектирани во првиот состав на екипата од Подгорица.
На Јуниорското првенство во Словенија, кое ќе се одржи во периодот од 22 јуни до 3 јули, Марковиќ ќе ја предводи женската јуниорска репрезентација на Црна Гора.