Легендарниот Штафан Олсон ќе ја води Холандија на СП!

Ракометната федерација на Холандија денес преку официјалната страна соопшти дека ракометната легенда од Шведска, Штафан Олсон го презема кормилото на машката репрезентација. Поранешниот ракометар, кој остави голем белег во светскиот ракомет, на клупата на „лалињата“ ќе го наследи довчерашниот селектор, Ерлингур Ричардсон.

Ричардсон со репрезентацијата на Холандија на Европското првенство годинава го оствари најголемиот успех, откако беше освоена 10. позиција. Сепак во квалификацискиот циклус за СП, ракометарите на Холандија беа елиминирани од Португалија и своето место на Мундијалот во 2023 година го обезбедија преку вајлд-карта.

Сепак, челниците на холандската федерација посакуваат добар пласман на Мундијалот во Шведска и Полска, па за таа цел решија да го ангажираат легендарниот Штафан Олсон. Двете страни се договорија на двегодишна соработка. Олсон својот деби настап како селектор на Холандија ќе го има кон средината на месец октомври кога ќе започнат квалификациските натпревари за настап на континенталниот собир во 2024 година.

Олсон во периодот од 2008 до 2016 година беше селектор на репрезентацијата на Шведска. Во 2016 година со неговите избраници го освои сребрениот медал на Олимписките игри во Бразил. Како играч, но и како клупски тренер постигна голем број на успеси. Од 2015 до 2018 година беше и на кормилото на француски ПСЖ и со тимот од Париз оствари одлични резултати во Лигата на шампионите.

Репрезентацијата на Холандија е еден од ривалите на македонската репрезентација на Светското првенство во 2023, кое ќе се одржи во Полска и Шведска. Холандија освен со Македонија ќе игра и против репрезентациите на Норвешка и Аргентина во рамките од групата Ф.