Поранешниот репрезентативец на Македонија, Филип Миркуловски во новата 2020/21 веројатно ќе ги одигра последните натпревари во дресот на Вецлар, но најверојатно и во кариерата бидејќи веднаш потоа ќе се префрли во тренерски води.
Практично тренерската кариера ќе ја почне уште летово кога ќе има двојна улога во Вецлар. Тој ќе биде дел од тренерскиот тим на Вецлар каде што ќе има задача да направи видео анализа, а покрај тоа и ќе тренира и секогаш ќе биде во можност да помогне на теренот кога ќе биде потребно.
„Ќе тренирам 2-3 пати неделно со колегите, но ќе имам и задача за да направам видео анализа. Покрај тоа ќе имам и нова улога со оглед на тоа што имам добро познавање на клубовите на Балканот и многу контакти. Ќе бидам скаут за ова подрачје и ќе се обидеме да привлечеме многу млади таленти во екипата за да можеме да бидеме сè подобри“, коментира Миркуловски во интервју за германските медиуми.
Јасно е дека тој полека се подготвува за играчка пензија. Успеа да направи многу во својата кариера, даде голема жртва со игрите особено во репрезентацијата и никогаш не се штедеше, па и повредите знаеја често да му создаваат проблеми. Затоа, сега полека се подготвува за тренерски води каде што сигурно ќе биде еднакво успешен како и досега.