Поранешната ракометарка на Кометал Ѓорче Петров, Јелиз Озел, која пред извесен период стави крај на својата репрезентативна кариера, ќе игра и следната сезона.
Иако се најавуваше дека таа ќе го продолжи престојот за уште една сезона престојот во досегашниот клуб Измир, сепак турските медиуми информираат дека ќе го носи дресот на Јаликавак.
Големото име во турскиот ракометот, кое остана во сеќавање кај македонските љубители на ракометот, и во следната сезона ќе претставува вистинска закана за секој противник бидејќи сѐ уште игра во одлична форма, иако има 43 години.
Озел во Кометал ЃП дојде во текот на 2004 година, остана три сезони, односно играше до сезона 2006/07. За брзо време стана лидер во таборот на ѓорчепетровки, како и миленик на македонската публика.
Поранешната репрезентативка на Турција клупската кариера ја започна во Турк Телеком во 1998 година, а играше уште во низа турски клубови – Ускудар, Анадолу Универзитет, Мили Пјанго, Јенимахал, Муратпаша, Кастамону и Измир. Средниот бек беше дел и од екипите на Бјасен од Норвешка и Валчеа од Романија.