Една од најдобрите ракометарки на светот и членка на поранешниот европски шампион ЧСМ Букурешт, Кристина Неагу, наскоро би можела да замине во пензија и да се посвети на приватниот живот, пренесува романскиот портал „ПроСпорт“.
Романската репрезентативка, која е алфи и омега во својата репрезентација и во клубот од романската престолнина, се наоѓа на залезот на кариерата, има 34 години, а по Европското првенство 2022, на кое Македонија беше еден од домаќините, изјави дека континенталниот собир во Скопје е последниот во нејзината кариера.
Иако Романија обезбеди настап на Светското првенство 2023, кое ќе се одржува во Данска, Норвешка и Шведска, не е познато дали Неагу ќе биде во националниот тим. Романката од страна на ИХФ во четири наврати беше прогласувана за најдобра ракометарка на светот (2010, 2015, 2016 и 2018).
На Европските и Светски првенства има освоено голем број на награди и признанија. Ракометарката на ЧСМ Букурешт ѐ и најдобриот стрелец на континенталните собири и Мундијали во машка и женска конкуренција, има постигнато 303 гола, зад нејзе е Гудјон Валур Сигурдсон со 288 гола. Оваа сезона стана дел од клубот „1000“ во Лигата на шампионите.
За романската селекција има одиграно над 200 меѓународни натпревари и во националниот дрес има постигнато над 900 голови. Неагу со Романија најголемиот успех го оствари во 2010 година кога се радуваа на бронзениот медал на Европското првенство во Данска, додека на клупско ниво во сезона 2014/15 со Будуќност ја освоија титулата во ЛШ и во споменатата сезона беше избрана во идеалниот тим како најдобар лев бек.