Поранешниот репрезентативец на Хрватска, Дамир Бичаниќ е новиот спортски директор на Загреб, откако пред неколку дена дојде до промена во управувачката структура на „плинарите“.
Бичаниќ во Загреб имаше две функции, директор за меѓународни односи и односи со ЕХФ и регионалната СЕХА лига, и од денес ќе ја преземе третата најважна функција во Загреб.
Искусниот ракометар се надева дека Загреб полека ќе се врати на старите патеки и не ја исклучи можноста во тимот да пристигне уште некое засилување за новата натпреварувачка сезона.
„Моја желба е да донесам уште еден квалитетен и поискусен стрелец. Мислам дека на овој начин би можеле да ја комплетираме сликата на Загреб за следната сезона. Што се однесува до амбициите на долгорочен план, желбата на сите нас од управата е да го вратиме Загреб таму каде што веруваме дека клубот заслужува да биде. Желбата е да се биде дел од Ф4 турнирот во Лигата на шампионите или пак да бидеме блиску до него”, изјави Бичаниќ.
Некогашниот хрватски репрезентативец како играч настапуваше за Умаг,Осијек, Медвешчак, Адемар Леон, Загреб и Шамбери. Својата играчка кариера ја заврши токму во тимот на Загреб каде мина пет сезони.
Со репрезентацијата на Хрватска во 2012 години ги освои бронзените медали на Европското првенство во Србија и Олимписките игри во Лондон. Исто така, една година подоцна се радуваше на бронзениот медал на Мундијалот во Шпанија.
Најголемиот успех со Хрватска го постигна на континенталниот собир во Австрија (2010) освојувајќи го сребрениот медал.