Лазаров: Ќе се базирам на поискусните, но имам слатки маки со играчите што се наметнуваат

Машката ракометна репрезентација на Македонија ја чека двомеч од квалификациите за Европското првенство во Унгарија и Словачка, против светскиот првак Данска.

Избраниците на Кире Лазаров вечерва го имаат последниот тренинг пред утрешниот двобој, а селекторот вели дека репрезентацијата е подготвена.

„Имавме доволно време, не случајно ги почнавме подготовките во саботата. Навреме се комплетиравме, Пешевски дојде вчера, а другите интернационалци тренираат од понедленикот сабајле. Мене ми е позната оваа процедура, максимално го искориствме времето, имавме добри услови и можам слободно да кажам дека подготвени го дочекувамe дуелот со Данска, актуелниот светски шампион, актуелниот олимписки шампион. Мене како селектор и на моите играчи треба да ни биде чест што може да отвориме некое ново поглавје во македонскиот ракомет со можеби најдобрата селекција на денешницата. Спортски е да се надеваме, како селектор и како капитен доделив јасни и конкретни улоги, играчите можеби добија премногу информации за кратко време. Комплетната слика на оваа наша репрезентација ќе ја имам по двата меча со Данска. Ќе веруваме и спортски е да се бориме до крај, но треба да бидеме реални дека Данците се најдобрите во овој момент во светот. Покрај тоа што ја анализиравме Данска. При анализите научивме многу работи од нив, и сфативме дека неслучајно се два пати по ред на светскиот трон“, вели селекторот.

Данскиот селектор е претпазлив во изјавите пред дуелот со Македонија.

„Јас да сум на местото на Јакобсен, истото би го рекол. Ние ќе промениме некои работи, но ќе видиме на лице место колку тоа ќе функционира на теренот. Едно е договор и тренинг, но самиот терен е друга работа. Дури во понеделник попладне, јас како селектор и стручниот штаб ќе имаме комплетна слика за да можеме максимално да ги дочекаме подготвени последните две средби“, продолжи Лазаров.

Публика ќе нема ниту во Скопје, ниту во Алборг, а Лазаров вели дека му фали за да даде дополнителен импулс.

„Не би рекол, искрено да ви кажам. Јас сум играч кој што публиката ми дава дополнителен импулс. Нашата публика е можеби најдобра во Европа. Тоа многу пати го покажала досега. Ќе ми фали публиката во секој случај“, вели селекторот.

Составот на Македонија се уште не е познат, а селекторот вели дека има една до два дилеми.

„Имам една до две дилеми за составот со кој ќе играме против Данска. Успеав за овој краток период да имам слатки маки, затоа што некои нови играчи се наметнуваат, но исто така размислувам и не сакам да ги изгорам и тоа да се направи за нивна промоција, а во позадина да ја ставиме важноста на тимот и на резултатите на Македонија. Ќе се базирам на поискусните, но да оставиме да помине последниот тренинг и утре да видиме каква е ситуација. Помалку или повеќе знам што имам на располагање“, заврши Лазаров.

Првиот меч меѓу Македонија и Данска се игра утре во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 20:00 часот, додека вториот натпревар е на програмата в недела во Алборг во „Гигантиум Арена“ со почеток во 16:00 часот.