Капитенот на Македонија, Кирил Лазаров двете средби против Грузија ги следеше од клупата. Можеше да ги види на дело младите ракометари и да се увери во нивните квалитети. Затоа после средбата можеше да коментира за покажаното на теренот.
„Ова беа две контроли против репрезентацијата на Грузија која е ниво пониско од нашето. Сепак, тука мора да се има предвид и континуитетот кој го имаме на големите натпреварувања. Сакам да кажам дека ние сме спортска и ракометна нација, што на клупски што на репрезентативен. Ова е четврти меч во шест дена. Два натпревари со сличен состав одигравме и со Турција и со Италија и видовме позитивни работи“, изјави Лазаров.
Тој смета дека оваа недела се работело со цел и така и се играло.
„Доколку се одеше со цел, а така беше за да добиеме млади играчи за периодот кој следи и за иднината мислам дека видовме кој колку може од овие момци. Кога ќе заокружиме сè мислам дека е позитивнио дури и резултатски. Имаше пропусти кои ќе ни служат да ги отстраниме до почеток на Европското првенство. Македонија и македонската публика и јавност секогаш бара многу, без разлика дали е млада, искусна или неискусна репрезентација. Секогаш се чека многу и треба да се стремиме кон тоа. Треба да одиме на висок пласман. Не веднаш, но во иднина мораме да размислуваме на пласман и на Олимписките игри. Го навикнавме народот на тоа и со репрезентацијата и со клубовите“.
Смета дека работите се движат во посакувана насока и дека младите ракометари кои доаѓаат ќе знаат како да продолжат и да го одржат континуитетот на игри на големите натпреварувања.
„Треба да ни е јасно како ден. На добар пат сме. Имаме млади генерации и ќе имаме забележителна улога и во иднина. Од оваа недела позитивно е тоа што во шест дена беа одиграни четири натпревари. Имаме и интернационалци кои играат во своите клубови. Доаѓаме заморени. Имаме добра ждрепка за Европското првенство и треба добро да се подготвиме и да го дочекаме почетокот на шампионатот на максимално ниво“, рече Лазаров.