Лазаров: Словенија има искуство, но ние сме Македонија и нема да одиме со бело знаме

Репрезентацијата на Македонија утре ќе го одигра првиот натпревар на Европското првенство, а Словенија ќе биде противникот со кој ќе биде отворен овој шампионат. Иако со проблеми, сепак, оптимизмот за добро претставување и добра игра останува и ќе биде на високо ниво.

„На сите ни е јасна целата ситуација. Ние имаме желба за да одиме во втор круг. Тоа би бил огромен успех. Не затоа што не заслужуваме туку напротив во групата добивме противници од типот на Данска, Словенија и Црна гора која има силни индивидуалци. Нашата желба е да поминеме во втор круг и се стремиме кон тоа. Во транзициски период сме и заеднички треба да направиме нова генерација која достојно ќе ја замени претходната и во следната деценија-две ќе биде на големите натпреварувња што е многу значајно за Македонија“, изјави селекторот Лазаров.

Македонија нема да биде комплетна. Дел од играчите не се во тимот поради позитивни тестови на Ковид 19, а дел се повредени.

„Никола Маркоски, поради повреда не е дел од нашиот состав. Дејан Манасков исто. Тој ќе ни недостасува најмногу. Четворицата позитивни исто. Митревски и Кизиќ беа во одлична форма и имаа одлични перформанси цела сезона. Гоце Ојлески, покажа дека секогаш може да се смета на него. Млад играч како Михајло Младеновиќ, кој е иднина во дефанзива. Тука има уште четири играчи кои не ги исполнија условите Павле и Петар Атанаијевиќ, Давид Саверевски и Емилијан Ѓорговски кои се невакцинирани и не сакаа да се вакцинираат. Имајќи го овој ростер, имаме солиден костур каде Македонија не треба да биде загрижена за својата иднина. Немаме време за размислување утре не чека Словенија“.

Во однос на противникот селекторот има пофални зборови бидејќи смета дека искуството на играчите е големо и тоа им дава предност, но Македонија никогаш не се предава.

„Словенија има играчи кои играат во Кил, Веспрем, Сегед, Барселона, Келце… Со самото ова сум кажал многу. Работат со врвни тренери во текот на целата година. Селекторот на Словенија е во голема преднсост бидејќи тоа се изградени играчи и мора да се уфрлат само детали. Ние сме Македонија и нема да одиме со бело знаме“, изјави селекторот Лазаров на денешната прес-конференција.

Средбата се игра утре од 18 часот во Дебрецен.