Лазаров скрати список – се враќа Талески, 21 ракометар во конкуренција за Луксембург и Турција

Селекторот на машката репрезентација на Македонија, Кире Лазаров, го скрати списокот на ракометари што ќе настапат на последните два меча од квалификациите за ЕП 2024 година.

Лазаров ќе смета на 21 ракометар, а меѓу нив ќе биде и повратникот во репрезентацијата Филип Талески.

На списокот се двајцата интернационалци – голманот Никола Митревски од Порто и левиот бек Филип Кузмановски од Вецлар, а сите останати доаѓаат од домашното првенство.

Во споредба со претходниот скратен список за двомечот со Португалија ги нема повредените Мартин Велковски и Иван Џонов, како и десното крило на Вардар, Ален Ќосевски и средниот бек од Еурофарм Пелистер, Марио Танкоски. Старо-нови имиња на списокот се Талески, Георгиевски и Аларов.

Собирот на ракометарите ќе биде в недела од 16:00 часот.

Нашата селекција е практично пласирана на континенталниот собир, но со две победи ќе го потврди второто место во групата и местото во третиот шешир пред ждрепката за групите.

Македонија гостува кај Луксембург на 26 април од 20:15 часот, додека последниот меч е на 30 април во СЦ „Борис Трајковски“ од 18:00 часот против Турција.