Репрезентативците на Македонија ветија победа против Швајцарија за Велигден и истата ја остварија откако денеска се изборија за триумф од 29:28 со што победнички ги финишираа квалификациите за Европското првенство.
Со пет победи и само еден пораз убедливо се оди на завршниот турнир. Селекторот и капитен Кире Лазаров упати честитки до неговите соиграчи.
„За првпат ново искуство како селектор. Честитки за моите играчи, што беа пожртвувани на сите овие четири меча и што успеавме да побеидме три пати од четири меча против квалитетни ривали. Денеска имаше сомнежи дали ќе ја победиме Швајцарија. Беше психолошки тешко за мене и соиграчите. Но останавме чесни и пред нас, и пред нашите семејства и Бога, се боревме до крај. Покажаа момците карактер. Јас кажав дека Швајцарија знае да направи проблеми и на многу поквалитетни репрезентации. Во овие два три месеци направиме чекори напред и мислам дека имаме простор уште да напредуваме, но во важни моменти знаевме што правиме во секој момент и многу ми е драго поради победата и поради нашите навивачи што не бодрат. Малку ме испровоцираа изјавите на Швајцарците пред мечот, кажуваа дека биле блиску до Данска, но заборавија дека ние ја победивме Данска“, вели Лазаров.
Тој е презадоволен како се одвиваат тренинзите и од ангажираноста на сите, а најавува многу пријателски средби пред ЕП.
„Јас сум презадоволен како работиме на тренинзите. Дури и им реков на моите соработници дека на тренинзите тоа изгледа перфектно. Добро е што имаме самодоверба, па сега имаме доста време да размислуваме и во следните месеци да најдеме добри противници за пријателски средби, да им дадеме повеќе шанса на младите и да добиеме додадена вредност во нив. Досега имаме неколку играчи, но мислам дека треба уште 3-4 играчи да добиеме до европското првенство, за кои знеме дека кога ќе ги ставиме на терен, ќе знаеме дека ќе го дадат тоа што го бараме од нив“, изјави Лазаров.
Ривалите на ЕП, Македонија ќе ги дознае на 6 мај по ждрепката во Будимпешта.