Светската ракометна федерација (ИХФ) по повод ИХФ неделата, направи разговори со неколку истакнати ракометни личности, кои на било кој начин останаа запамтени во ракометниот свет. Медиа тимот на ИХФ разговараше и со поранешниот македонски репрезентативец, а сега селектор на нашата репрезентација, Кире Лазаров, за тоа како го минува денот.
За селекторот на Македонија, најважна работа во утринските часови е здравиот појадок, кој му дава сила и енергија своето знаење и искуство да им ги пренеси на младите ракометари. Лазаров, утрото го поминува и во читање на весници, електронски медиуми, со цел да се информира за спортските случувања во светот и да биде во тек со ракометните настани.
,,Сакаш или не, кога си ракометар треба постојано да мислиш на ракометот. Дури и кога имате слободен ден, вашиот ум секогаш се насочува кон ракометот. Сакам да мислам дека тоа се случува и во останатите спортови, каде професионалните спортисти се натпреваруваат на највисоко ниво. За мене секогаш е важно да имам добар и здрав појадок, да го имам потребното ниво на енергија за да дадам 100% на теренот и на тренинзите. Потоа, секогаш разговарам со моите деца пред да одат на училиште и задолжително пијам кафе, сам или со жена ми. За време на утрото, ги читам и весниците и сѐ што е достапно за да се информирам што се случува во спортот”, изјави Лазаров.
Македонскиот ракометен ас истакнува дека за време на попладневните часови не конзумира многу храна, но најважно му е да има добар оброк во остатокот на денот.
,,Исхраната е најважна за да имате добра и долга кариера. Многу е важно да се јаде добро во текот на целата кариера, не само пред натпревар, на пример. Можете да ги подобрите перформансите само со добра исхрана, а тоа не се одразува само на физички план, туку и на ментално ниво, бидејќи ќе се чувствувате подобро. Од она што го паметам и научив во текот на мојата кариера, никогаш не јадев многу, бидејќи така се чувствував подобро, имав енергија и го исполнував она што требаше да го направам на теренот. Но, секој човек е различен”, истакна Лазаров.
Поранешниот репрезентативец на Македонија, кој во следната сезона ќе биде тренер на новиот суперлигаш, Алкалоид, во својата играчка кариера, слушањето на музика пред секој натпревар го правело да се чувствува подобро. Вечерта ја опишува како најубав дел од денот за играње на натпревари.
,,Секогаш сакав да слушам музика пред натпревар, тоа беше како ритуал. Не беше важно која музика ќе ја слушам бидејќи секогаш ме правеше да се чувствувам подобро. Тајна, која никогаш не ја кажував, беше дека никогаш не можев добро да спијам пред натпревар. Тоа значеше дека секој натпревар беше важен за мене. Сепак, имаше натпревари пред кои не спиев добро и потоа играв добро на тие натпревари и секогаш имав добар сон после тоа. Отсекогаш сакав да играм навечер”, заврши Лазаров.