Селекторот на машката ракометна репрезентација Кирил Лазаров смета дека не треба да се плашиме за иднината, бидејќи ќе имаме квалитетна и модерна репрезентација која во годините што следува ќе биде конкурентна со најдобрите селекции во Европа.
Презентирајќи го својот извештајот пред членовите на УО на РФМ, Лазаров побара и почести собирања на ракометарите за подобро да бидат подготвени за настап на СП.
„Успеавме да се пласираме на СП 2023 по два баражи со силни ривали, репрезентации кои се во подем, со докажани и квалитетни селектори и направивме чекор напред. Во играчка пензија заминаа големи играчи кои во последните години дадоа голем придонес во македонскиот ракомет – Кире Лазаров, Филип Миркуловски и Столе Стоилов. Продолжуваме понатаму со голема верба и ентузијама, и воопшто не треба да се плашиме дека ќе имаме квалитетна и модерна репрезентација, која во годините што следуваат ќе биде конкурентна со најдобрите селекции во Европа, вели Лазаров.
Во меѓувреме треба да размислуваме и за настапот на ЕП 2024 и во група во квалификациите сме со репрезентациите на Португалија, Турција и Луксембург. Треба да бидеме меѓу првите две за пласман на ЕП.
„Не чекаат квалификациите за ЕП 2024 со посакувана група со Португалија, Турција и Луксембург. Не треба да потцениме никој и ќе пробаме да се претставиме во препознатливо светло. Се надевам дека ќе имаме успешни квалификации и дека сите играчи ќе бидат спремни. Иако играме со Турција и Луксембург, мораме сериозно да ги сфатиме. Ниеден противник не смее да се потцени и се надевам дека ќе ги одработиме квалитено тие два меча, вели Лазаров.
Селекторот побара и почести собири на репрезентацијата.
„Сакам да побарам еднодневни собири од РФМ со репрезентативците што играат во Македонија, да користиме недела и понеделник, од октомври до крајот на декември, барем два до три пати да се собереме, каде што би можеле посериозно да ги започнеме подготовките за СП. Мене како селектор тоа многу ќе ми значи, па кога официјално ќе започнеме со подготовки само би продолжиле на нешто започнато, смета Лазаров.