Капитенот на репрзентацијата на македонија, Кирил Лазаров денеска наполни точно 40 години. Од нив веќе три четвртини му се исполнети со ракомет и постојано е дел од врвот односно ракометниот крем во Европа и во светот.
Лазаров е активен од 1991 година и тоа во родното Свети Николе. Од 1994 година се сели во Борец во Велес каде што ги бележи и првите меѓународни настапи, па во 1996 година ја продолжува кариерата во Пелистер каде мина четири години.
Уште како мласински репрезентативец на Македонија се пресели во Загреб во 2000 година. По само две години го напушти шампионот на Хрватска и пет години мина во Веспрем , за во 2007 година одново да се врати во Загреб и да одигра уште три сезони во овој клуб.
Во 2010 година стана член на Сиудад Реал, кој потоа се преименуваше во Атлетико Мадрид, а во 2013 година го облече дресот на најтрофејниот клуб, Барселона. Од 2017 година е член на Нант, каде што е уште активен.
Иако има 40 години се работи за еден од најдобрите десни бекови во моментов и е играч кој лесно може против секого да го наполни голот без разлика што веќе има 40 години.
За сениорската репрезентација на Македонија дебитираше неколку месеци после Европското првенство во Италија. Првиот натпревар го имаше на 23 септември во 1998 година против Белгија во Скопје. Тој е единствениот кој има 11 големи шампионати зад себе од сите репрезентативци на Македонија кои некогаш настапиле на големо натпреварување.
Со вкупно 64 натпревари тој е и ракометарот со најголем број на настапи од Македонија на Светските и Европските првенства, додека на овие средби успеа да постигне вкупно 472 гола со што е далеку пред колегите.
До јануари годинава беше сопственик на рекордите и на ЕП и на СП според бројот на голови на едно првенство. Тој од 2012 година беше на тронот со 61 гол, додека од 2009 година е најефикасниот играч на Мундијалите со 92 погодоци.
Во кариерата има освоено 55 трофеи. Меѓу нив има и една титула во Лигата на шампионите, со Барселона во 2015 година. Во првенството на Македонија има две титули со Пелистер во 1998 и 2000 година, како и две во Купот на Македонија во 1998 и 1999 година. Во Асобал лигата има четири круни, во Хрватска има седум и пет во Унгарија. Купот на Хрватска го освојуваше петпати, а исто толкупати победуваше и во Купот на Унгарија. Копа дел Реј го има освоено шестпати. Има и три трофеи од Супер Глоуб.
Кариерата на Кире Лазаров е богата, а со оглед на тоа што е уште активен и ќе продолжи со игрите во тимот на Нант може да се очекуваат уште трофеи за него во иднина.