Лазаров: Има простор за напредок до стартот на СП

Машката репрезентација на Македонија со два порази и две победи го заврши подготвителниот период со натпревари пред СП.

Селекторот Кире Лазаров вели дека има простор за напредок, особено во играта во одбрана до стартот на Мундијалот.

„Одигравме квалитетен турнир со квалитетни противници. Имаме еден слободен ден и потоа почнуваме со подготовки за конкретни работи за следните два противника, Норвешка и Холандија. Задоволен сум од сработеното во текот на подготовките, како и од прикажаното на контролните натпревари. Одбраната ќе ја поправиме, но треба да знаеме дека играме во силен ритам во текот на сите 60 минути. Во едно такво темпо, нормално е да се дава и прима повеќе голови. Во секој случај, има голем простор за напредок во нашата дефанзива, ќе работиме на тоа до почетокот на светското првенство”, изјави Лазаров.

Македонија го започнува мундијалскиот настап на 13 јануари со Норвешка, на 15 играме со Холандија, додека два дена подоцна е средбата со Аргентина.