Сениорската репрезентација на Македонија го имаше собирот во рамките на ЕХФ неделата, во која ќе се соочи со тежок ривал. Ќе бидат одиграни две средби со полуфиналистот од Олимписките игри, Египет, на гостински терен во Каиро.
Селекторот Кире Лазаров вели дека е направена комплетна анализа на квалификациските средби со стручниот штаб и дека има јасна идеја како да се оди само напред.
„Сам и заедно со стурчниот тим направивме комплетна анализа од квалификациите за ЕП против Данска (2), Финска и Швајцарија. Имаме анализирано, студирано, запишано кои се добри работи, а кои се лоши и треба да се поправат. Имаме јасна идеја како да одиме напред и што да работиме за да го дочекаме ЕП подготвени. Задоволен сум и морам да ги пофалам момците иако имаме уште време за напредок. Треба да бидеме многу трезвени бидејќи ни следи голем предизвик. Кога баравме противници инсистирав тоа да биде селекција од европско и светско реноме. Сакав тоа да биде силен ривал и не беше воопшто лесно со оглед на конекциите и Ковид ситуацијата. Првата опција беше Шпанија и жал ми е што не успеавме да се договориме. Тие се собираат во Хихон и прават натпревар за простување на Раул Ентрериос, но требаше со три лета и автобус. Сепак, и втората опција, Египет е повеќе од добра бидејќи оваа репрезентација играше полуфинале на Олимписките игри. Како што најавив за секоја ЕХФ недела ќе бараме квалитетни противници. Клише е да кажам дека резултатот не ни е важен бидејќи сè ни е важно. Тоа е само изговор. Нема да се оптоваруваме и си ја знаеме нашата работа. Оваа недела ќе ја искористиме максимално да одработиме. Ќе се базираме на два сегменти во ракометната игра. Не можеме да опфатиме сè за да не загубиме глава. Се надевам дека на крајот на декември ќе имаме јасна слика за да се надогравиме и да изгледаме сериозно. Не чека сериозен испит против сериозни противници. Друго е квалификации и еден натпревар, а друго е Европско првенство, турнирски систем без разлика дали си победил или загубил мора да се одмориш, рекуперираш, да се вратиш ментално и да тргнеш во друга битка“, вели Лазаров.
„Фараоните“ веројатно ќе бидат комплетни за пресметките со Македонија со интернационалците.
„Кога разговарав со Парондо рече дека сака нешто да проба, но сега имам информација дека ги повика сите интернационалци. И со него се случи непланирано да се најде на тренерската позиција во Мелзунген и да му дозволат. Имаше и двојба. Можеше и да замине, но се одлучи да ги води на Купот на Африка. Му се заменија концепциите бидејќи води и клуб и потешко е да комбинира. Немаме разговарано околу тоа дали ќе има линк или ќе биде од затворен тип. Деновиве ќе разговараме“, продолжува македонскиот селектор.
Лазаров ја искоментира и победата на Еурофарм Пелистер 2 над шампионот Вардар и ја пофали одлуката на РФМ да ги вклучи „црвено-црните“ и битолчани во домашното првенство.
„Ме радува многу и допрва ќе ме радува. Проекти како Еурофарм Пелистер 2, Алкалоид…Треба да се пофали одлуката да ги внесат Вардар и Еурофарм Пелистер во домашно првенство. Доколку не беше така немаше да го имаме она што се случи вчера и да го имаме ова задоволство вие како медиуми и јас како селектор и цела Македонија. Ќе останеше Сеха лига каде нема натпревари и само ќе се тренираше. Ова е за пофалба и се виде дека еден аутсајдер може да победи. Тоа е процес. Тие деца загубија од Тиквеш дома, одиграа нерешено против Струга како гости, а сега го победија Вардар. Ме радува, но сум внимателен. Многу е полесно да се работи со професионалци, испфорилирани отколку со младински категории. Многупати сум кажал дека големите репрезентации имаат систем во кој поставуваат големи имиња на селекторски позиции за работа со младинските категориии тоа не е воопшто лесно. Ова се играчи кои имаат осцилации. Сепак, ова од вчера е за радување. Можеме да зборуваме дека Вардар не бил мотивиран, не бил комплетен, но победа е победа и тоа никој не може да го оспори и треба да им се честита“, вели Лазаров.
Селекторот размислува дали дел од кадетските и младински репрезентативци ќе добијат шанса и на Европското првенство.
„Не можам да кажам уште сега бидејќи треба да ме убедат и да ми стават до знаење. На ЕП против Словенија, Црна Гора и Данска еден пад може да не чини и натпревар. Треба да бидеме подготвени да ги играме тие натпревари. Мора да сме подготвени. Затоа уфрламе новитети, имаме поширок список, имаме резерви. Мора во секој момент да знаат и да се подготвени да одговорат на потребите. Еве што се случи со Дејан Манасков. Но тоа е дел од спортот. Јасно ни е на сите колку значи Дејан за тимот. Тој е играч кој ќе ја земе топклата и без стратегија и тактика ни придонесува за победа“, смета Лазаров.
Селекторот ги пофали проектите на Еурофарм Пелистер 2 и на Алкалоид во кои се форсираат настапи на млади македонски ракометари.
„Ни треба проекти во кои 24/7 се размислува на ракометот. Мораме да ја следиме Франција која е центар за формација. Таму физички од своите 15-16 години стануваат надмоќни и потоа стануваат доминантни. Мораме да работиме сериозно со младите категории, но мораме да бидеме трпеливи. Јас сум сигурен дека резултатот ќе дојде. Можеби ќе дојде уште сега, може подоцна. Меѓутоа, тоа не значи дека следната година пак ќе имаме ист резултат. Еве што се случи со кошаркарите, кои после тоа што го направија ги нема на сцена. Ако направиме споредба, која улога би ја прифатиле. Да играте полуфинале кошарка во 2011 година и да ве нема до 2022 година или ракомет да сте 5 место на ЕП во 2012 година и да ве има постојано на големите натпреварувања. Која ќе ја прифатите? Втората секако! Континуитет или квалитет!“.
Тој потсети и на Б репрезентација, која ќе се собира кога ќе има празен период.
„Кога има празно време Б репрезентацијата е добро да се формира и да се одржува. Сега ни следува Европско првенство, јас сум нов и одиме со она што се виде како добро и имаме прогрес да го надоградиме. Ќе работиме не толку напорно во овие 4-5 дена колку што ќе биде обемно и детално. Тие детали ќе ги снимаме и ќе ги анализираме и ќе ги презентираме кога ќе дојде време“.