Македонија денес ја победи Чешка и обезбеди нов пласман на едно Светско првенство. Пред овој натпревар од репрезентативниот дрес се прости Филип Миркуловски, иако се очекуваше тоа да биде случај и со Кирил Лазаров, сепак тоа денес официјално не се случи.
Лазаров по натпреварот најави дека најважен денес е пласманот на Македонија, за простување ќе има време во иднина.
„Ако тоа се случеше денес тоа ќе беше дополнителен притисок за мене како селектор и како играч. Сега не е време за тоа ќе имаме време за славје и простување, најважно е што Македонија оди на ново Светско првенство. Добро е што ја продолжуваме традицијата да бидеме дел од најдобрите. Да спласнат емоциите, на наредното големо натпреварување мислам дека 90% ќе ме гледате во тренерка. Човек треба да знае да се прости на време, јас покрај ковидот ја продолжив кариерата на уште една година и поради Македонија. Повредата на Европското првенство за мене беше навистина тежок момент, мислам дека ќе беше поинаку со мене во составот и со уште некои играчи“, изјави Лазаров.
Пласманот на Македонија на Светското првенство за нас ќе биде 12-то учество на големите натпреварувања во низа.