Селекторот на македонската репрезентација, Кире Лазаров, заедно со екипата на Нант обезбедија четвртфинале во Лига на Европа, откако на гостувањето кај Фуксе Берлин славеа со 33:30 во реванш натпреварот. Првиот натпревар меѓу двете екипи заврши со резултат 25:24 за Нант.
Лазаров беше меѓу главните стрелци во победничката екипа, постигна пет погодоци од шест обиди.
Првиот гол на средбата, кој беше дело на Милош Вујовиќ беше постигнат во втората минута за водство на домашниот тим од 1:0. Лазаров и соиграчите со серија од три гола направија пресврт и поведоа со 4:2. До 20. минута, гостинската екипа од Франција одржуваше минимално водство од еден до два гола разлика, додека домаќините во последните десет минути од првото полувреме успеаја да се вратат во игра, израмнија на 10:10 и до самиот крај на првиот дел ја диктираа играта на терен. По 30 минути игра, резултатот беше 15:14 за домаќините.
Во второто полувреме продолжи големата борба за пласман во четвртфиналето. Фуксе Берлин во 40. минута имаше водство од еден гол разлика, 21:20. Нант во следниот период имаше пад во играта, па така составот на Фуксе Берлин ја искористи целата ситуација и во 45. минута дојде до плус три гола разлика, 25:22. Сепак, водството од три гола на домаќините не беше никаква гаранција за победа бидејќи Нант со серија од пет гола направи целосен пресврт и на десетина минути пред крајот поведе со 27:25.
Овие два гола разлика беа одржани до самиот крај на натпреварот. Фуксе Берлин немаше никакви шанси за камбек и мораше со пораз да се збогува од годинешното учество во Лига на Европа.
Четвртфинале во Лигата на Европа обезбедија и екипите на Бенфика, Нексе, ГОГ, Кадетен и Висла Плоцк.
ОСМИНАФИНАЛЕ – ЛИГА НА ЕВРОПА
РЕВАНШ НАТПРЕВАРИ
БЕНФИКА – ТУЛУЗ 36:30 (17:15)
ПЕЛИСТЕР – НЕКСЕ 21:22 (11:11)
ФУКСЕ БЕРЛИН – НАНТ 30:33 (15:14)
ГОГ – БИДАСОА ИРУН 33:31 (20:12)
САВЕХОФ – КАДЕТЕН ШАФХАУЗЕН 34:28 (19:15)
ВИСЛА ПЛОЦК – ЛЕМГО 28:28 (12:13)
МАГДЕБУРГ – СПОРТИНГ 20:45ч
НИМ – ГОРЕЊЕ ВЕЛЕЊЕ 20:45ч