Репрезентацијата на Македонија утре го игра натпреварот од последното, трето коло, од групната фаза на Светското првенство 2023.
Противник на ракометарите на Македонија ќе биде репрезентацијата на Аргентина, која исто така доживеа два порази на Мундијалот, од Норвешка и Холандија.
Селекторот на Македонија, Кире Лазаров за вчерашниот пораз од Холандија истакна дека грешките во нападот и одраната си го направиле своето, но разликата од десет гола не ја отсликувала реалната состојба меѓу двете репрезентации.
,,Прифаќаме критика и треба да прифатиме критика. Во моментов, Холандија е подобра репрезентација од нас, тоа сите го знаевме, мислам дека разликата од десет гола не е реална, имавме шанси и требаше да изгубиме достоинствено, направиме добра анализа и видовме дека грешевме и во одбрана и напад, имавме доста избрзани технички грешки, едноставно оваа репрезентација е нова репрезентација, која треба да расте и да созрева на големите натпреварувања, тоа е реалноста. Едно е кога играте квалификациски меч, без разлика на противникот и сосемА е различно кога играте турнирски систем. Ова СП тешко го изборивме и добро ќе им дојде на младите играчи”, изјави Лазаров.
Предводникот на Македонија е претпазлив за решавачкиот дуел со Аргентина, истакнувајќи дека селекцијата од Јужна Америка има квалитет.
,,Ние дојдовме овде со цел да ја поминеме првата фаза, утре е главната битка за нас против Аргентина. Се работи за екстра квалитетен противник, кој вчера против Норвешка покажа дека игра цврст и добар ракомет и мислам дека сме блиску со квалитетот. Доколку сакаме да победиме треба да одиграме максимално квалитетно во сите 60 минути, треба да научиме на грешките, имаме простор за напредок, можеби во моментов тие се поквалитетни од нас, но доколку сакаме утре да славиме, треба да бидеме пофокусирани и да се обидеме да играме без голема емоција, едноставно да се научиме да победуваме. Имаме шанса утре, се надева, ќе бидеме комплетни, иако ситуацијата со Јагуриновски не е во најдобар ред. Доколку има шанса, ќе биде на располагање да помогне, но не сме се уште сигурни”, заврши Лазаров.
Натпреварот меѓу Македонија и Аргентина ќе се одигра утре со почеток од 18:00 часот. На Аргентина и одговара и нерешен резултат, додека опција за Македонија е само победа.