По настапот на Европското првенство во Унгарија и Словачка, машката репрезентација за кратко време ја очекуваат нови предизвици.
Македонија ќе мора преку два баражи да се избори за место на Мундијалот следната година, а првиот ќе биде веќе во март. Селекторот Кире Лазаров најави дека доколку биде подготвен, ќе биде на теренот и ќе игра.
„Ако сум здрав, да, секако, мислам дека моето присуство ќе значи на терен. Мене ми е навистина жал што не можев, навистина се подготвував и бевме спремни да дадеме одбрана на Словенија и на Црна Гора, дури и на Данска. На тоа се спремавме во мислите, но се распаднавме како кула од карти, ден по ден и одеднаш почна да се руши се. Некои искористија шанса да играат на големо натпреварување видовме како тоа изгледа, сега јас како најодговорен треба добро да анализирам и да одберам 20-22 играчи кои ќе може да одговорат на овие големи предизвици“, вели Лазаров.
Следните репрезентативни предизвици за Македонија ќе бидат во март, кога ќе се игра првиот бараж двомеч за пласман на Мундијалот во 2023 година во Полска и Шведска.