Екипата на Македонија ЃП, која во новата сезона е предводена од искусниот Оливер Димитриоски, лесно стигна до победа во својот прв натпревар во Првата лига, откако на свој терен беше убедлива против повратникот во македонскиот ракомет, тимот на Овче Поле, со резултат 34:26 (16:10).
Македонија ЃП имаше успешен почеток и со погодоците на Гиноски и Неделковски дојде до водство од 2:0. Гостите од Свети Николе првиот гол го постигнаа по пет минути игра и во 10 минута од натпреварот го израмнија резултатот на 3:3. Избраниците на Димитриоски во следниот период беа подобриот противник на терен и започнаа постепено да ја градат предноста.
По петнаесетина минути игра водството на домаќините беше 9:4. Екипата на Овче Поле се обидуваше да се врати во игра, но Македонија ЃП преку расположениот Гиноски ја одржуваше стекнатата резултатска предност. До крајот на првото полувреме немаше поголема промена на резултатот, а по 30 минути игра водството на домашниот тим беше 16:10.
Ракометарите на Македонија ЃП за разлика од првиот дел, во вториот беа подоминантни казнувајќи ја речиси секоја грешка на гостинот. Во поглед на резултатот ништо не се смени, водството на домаќините најчесто беше од седум до девет гола разлика и во последниот период гостите се обидоа да го ублажат поразот, но немаа доволно сили да дојдат до помала негатива.
Најефикасни во победничката екипа беа Максимилијан Гиноски со девет и Филип Ролевски со седум погодоци. Кај екипата на Овче Поле се истакна Димитрија Крстев, кој воедно беше и најефикасен на натпреварот со десет гол.