Екипата на Ѓорче Петров забележа убедлива победа против Овче Поле СУ, со резултат 39:20, во натпревар од последното 14. коло од регуларниот дел во Женската лига. Двете екипи обезбедија пласман во плеј-оф фазата и напролет ќе разигруваат за титулата. Ѓорче Петров останува единствената екипа, која во првиот дел од сезоната победи на сите дуели.
Актуелниот шампион на Македонија одигра одлично и во натпреварите од Европскиот Куп, каде што обезбеди пласман во осминафиналето во третото по ранг европско натпреварување, па може да се каже дека избраничките на Симе Симовски ги остварија зацртаните цели за овој дел од сезоната.
Домаќинот уште во првиот дел ја заврши денешната задача. Ѓорче Петров го стартуваше натпреварот како што може да се посака, поведе со 7:2 во воведниот дел, потоа дојде до предност од ,,плус седум” 10:3 и до крајот на првиот дел лесно се справуваше со гостинскиот состав од Свети Николе, кој не можеше да направи нешто.
Како поминуваше времето се чувствуваше заморот кај тимот на Овче Поле СУ, што доведе до уште поголема криза, па така домаќинките имаа и предност од 15:6 и рутински го одработија последниот дел од првите 30 минути. Ракометарките на Симовски на пауза заминаа со водство од 16:10.
Второто полувреме донесе поубедлива игра од страна на актуелниот шампион на Македонија. Тимот на Ѓорче Петров започна да оди на двоцифрена разлика, зголеми на 21:11 и останатиот дел од второто полувреме беше само формалност, во која гостинките не успеаја да го ублажат поразот.
Најефикасни во Ѓорче Петров беа Симона Василева со седум и Милица Николиќ со шест погодоци. Кај поразениот табор се истакна Елена Вучевска со седум погодоци.