Tретиот ден на СП навидум требаше да биде еден рутински ден на првенството каде освен натпреварот Тунис-Полска, во другите имавме изразити фаворити. Ама не секогаш „домашниот есап излегува ист и на пазар“.
Главните фаворити за злато, според експертите, Норвешка, Шпанија и Хрватска доживејаа непријатности на самиот старт. Добро што тоа им се случи на почетокот па ќе им служи како добра опомена во продолжение на шампионатот. Данска сигурно почна и Франција изненади против Норвешка, па резултатите вчерашниот ден сигурно ќе им послужат како поука дека теренот понекогаш не признава фаворити.
Актуелниот европски шампион и еден од главните конкуренти за злато, Шпанија, играше против Бразил и се очекуваше сигурна победа. Шпанците мораа преку ветеранот Ентрериос, да спасуваат бод во последните мигови од натпреварот за конечни 29:29.
За разлика од Бразил, репрезентацијата на Јапонија има за што да жали. Долгогодишниот проект на Јапонската федерација за Олимписките игри во Токио, на чело со Исландскиот тренер Сигурдсон изгледа почнува да дава резултати. Како никогаш досега не беа блиску Јапонците да извојуваат победа против топ европските репрезентации. На далеку прочуената одбрана на Хрватите, овојпат 5:1, со Дувњак напред, беше немоќна пред налетите на Јапонците.
Ако Хрватска во напад го имаше Циндриќ, добив вречаток дека Јапонците напаѓаат со шестмина Циндриќ. Јапонците едноставно летаа по теренот, со брзи и прецизни додавања, движење без топка, без проблем наоѓаа решение до голот на Хрватите. Репрезентацијата на Јапонија водеше во голем дел од мечот, во еден момент и со 6 разлика, за да во последната четвртина од мечот се влезе во резултатски егал. Во последните напади, Јапонците одиграа тактички добро 6 на 5 за последно водство на натпреварот, за да Хрватите преку пенал во последните мигови освојат бод.
Интересен натпревар гледавме помеѓу репрезентациите на Тунис и Полска. Натпревар каде што педестина минути, како да не се играше одбрана и имавме напади со висок процент на реализација од страна на обете репрезентации. Во финишот Полска се одлепи на 4 разлика и го приведе при крај натпреварот за прва победа на турнирот.