Хрватскиот кружен напаѓач Томислав Кушан, дојде во Еурофарм Пелистер како замена за украинскиот репрезентативец Олександр Шевелев и уште на првите натпревари покажа дека се работи за одличен ракометар.
Тој беше нерешлива загатка за одбраната на Вардар во финалето на Струшкиот турнир, а битолчани забележаа уште една победа над европскиот шампион среде Скопје.
Кушан вели дека за преселбата во Битола биле „виновни“ Бабиќ и амбициите на клубот.
„Тренерот Жељко Бабиќ инсистираше да дојдам во Битола, а ме привлекоа и амбициите на Еурофарм Пелистер. Се работи за сериозен клуб, кој од година во година е се подобар“, вели Кушан за 24Ракомет.
Ретко кој тим во македонски и европски рамки може да се пофали дека два пати по ред славел над Вардар, а тоа беше случај со битолчанни.
„Одлично е чувството да се победи европскиот шампион. Во Струга одигравме одличен натпревар. Лошо е тоа што нема публика на натпреварите, бидејќи не е исто да играше со навивачи или без. За нас беше значајно што „Чкембари“ дојдоа да не поддржат“, продолжува Кушан.
Амбициите на Еурофарм Пелистер оваа сезона се високи, и во македонските и во меѓународните конкуренции. Пикерот едвај чека да игра пред полна сала.
„Едвај чекам да заиграм пред полна сала во Битола. Досега само сум гледал на видео некои натпревари и сум се восхитувал на атмосферата што ја приредуваат „Чкембари“. Нашите амбиции се високи оваа сезона, но не е моја работа да зборувам за тоа, мене ми преостанува само да играм најдобро што можам“, завршува Кушан.
Хрватот пред да дојде во Битола играше во шпанската Ла Риоха, а заедно со Елмир Граџан и Никола Маркоски, ќе го сочинува триото на линијата оваа сезона во Еурофарм Пелистер.