Ракометарите на Вардар го одбранија трофејот во Купот, откако славеа против големиот ривал Еурофарм Пелистер со 26-25 на финалниот натпревар кој се одигра во СРЦ „Билјанини Извори“. Ова е 16 трофеј за „црвено-црниот“ тим во ова натпреварување. Meчот имаше драматичен крај, откако Еурофарм Пелистер го имаше последниот напад, но беше прекинат со фаул, па последниот обид од девет метри не беше успешен и победата остана за Вардар.
Имаа вардарци одличен старт од мечот во кој поведоа со 4-1 и не му дозволија на Еурофарм Пелистер д апостигне гол цели 7 минути. Потоа предноста се зголеми и до 7-3, а потоа и „плус 5„ за водство од 9-5 што беше прво највисоко водство на средбата. Немаа решение битолчани за Куни Моралес кој постигна 6 гола во овој период од мечот, а по три дадоа Филип Талески и Леонардо Дутра.
Изненанди Вардар со одбрана во која играа некои играчи што дотогаш не се појавуваа на тие места барем не на дулеите со Еурофарм Пелистер. Тешко им одеше на битолчани да ја пробијат цврстата и агресивна одбрана на „црвено-црните“.
Кај Вардар, во првиот дел иако беше на клупата во игра воопшто не влезе Дејан Манасков кој пријави повреда на првиот полуфинален меч. На пауза вардарци водеа со 16-12, иако можеше да бидат и плус пет, но Ојлески погоди во последната секунда.
На стартот на вториот дел битолчани ја преполовија вардаровата залиха од полувремето откако Лесјак фати неколку топки, 18-16, но Стоилов одново врати на плус три за Вардар, 19-16.
Словенечкиот голман одново беше подобар од вардарци и пелистерци добија шанса уште повеќе да ја намалат негативата. Тоа го направи Пешевски, кој погоди за 19-18, па на вардарци им стана јасно дека битолчани не се откажуваат од пресврт.
Сепак следуваа три грешки по ред на битолчани, тоа Вардар го искористи, се врати на комотна разлика од четири гола, 23-19. Во овие моменти блескаше Бразилецот Леонардо Дутра кој погоди три пати по ред. Беше и 24-20, но пелистерци повторно успеаја да се доближат на Вардар. Танкоски стрелаше за 24-22, а Суси со голот од пенал најави драма на седум минути до крајот за 24-23.
Ристовски му одбрани зицер на Ојлески на пет минути до крај, а потоа со два гола по ред Вардар стигна до плус три, 26-23. Голманот на „црвено-црните“ беше поуспешен и од Танкоски, но Атанасијевиќ казни една грешка за минус два. Вардарци не реализираа уште еден напад и на 80 секунди до крајот беше 26-25.
Долгиот последен напад на Вардар не беше исто така реализиран, па Еурофарм Пелистер имаше уште малку време за реми гол. Сепак вардарци стигнаа да направат фаул и Атанасијевиќ го имаше последниот удар од девет метри по истекот на времето, кој не го погоди па мечот заврши со победа на Вардар со 26-25.
Најдобри стрелци во редовите на победничката екипа беа Фереира и Моралес со по седум погодоци, додека Талески даде шест, а во тимот на Еурофарм Пелистер се истакнаа Тунижаните Суси и Хосни со по пет гола.