Ракометарите на Куманово во рамки на 17. коло од Првата машка лига беа убедливи против составот на Астраион со десет гола разлика, 31:21.
Екипата на Куманово со освоените бодови против Астраион се зацврсти на 4. позиција во Групата Б и со солидните резултати во досегашниот тек од сезоната, 10 победи, две нерешени средби и пет порази, веќе обезбеди пласман во плеј-оф фазата.
Мотивираните гости имаа лесна задача да дојдат до триумф во денешниот натпревар бидејќи во Астраион недостасуваа неколку играчи, меѓу кои и еден од главните стрелци, Марко Стојанов, кој на претходниот натпревар против Македонија ЃП заработи повреда.
Почетните 5:1 беа јасен знак за домаќините дека ќе имаат тешка задача да дојдат до било какво изненадување во денешниот дуел. Ракометарите на Куманово во текот на сите 60 минути беа во голема резултатска позитива и во ниту еден момент од средбата немаше опуштање во нивните редови. Кумановци како што ја започнаа така ја завршија доминацијата во првото полувреме. По 30. минути игра, резултатот на пауза беше 17:9 за екипата на Куманово.
Второто полувреме повеќе наликуваше на формалност, во која шанси имаа ракометарите со помала минутажа. Во второто полувреме се разигра ракометарот од Куманово, Даниел Трајчевски, кој воедно се покажа како најефикасен во победничкиот табор со девет погодици, седум постигна во вторите 30 минути, а поддршка имаше и од Јован Даневски и Андреј Миладиновски, кои постигнаа по шест, односно пет погодоци.
Во Астраион единствено расположени за игра беа Васко Стојанов со девет и Александар Цонев со пет погодоци.