Ракометарките на Куманово имаа сигурен настап во финалето од групата Г во Купот на Македонија и ја совладаа екипата на Деспина со 28:19 со што обезбедија пласман на завршниот турнир и ќе го бранат трофејот освоен минатата сезона.
Кумановки без поголеми проблеми стигнаа до победата, после израмнетиот почеток и резултат 3:3 следуваше серија од три гола за прво повисоко водство на Куманово. До крај на првиот дел ја сочуваа предноста и на пауза фаворитот имаше 15:11.
Во продолжението на натпреварот Куманово одигра рутински, постојано ја зголемуваше предноста и сигурно го водеше дуелот кон победа. Деспина немаше сили за поголем отпор и изненадување.
Најефикасни во победничкиот тим на Куманово беа Пена Граматова со осум гола и Андреза Алмеида со седум погодоци. Во тимот на Деспина со по четири гола најпрецизни беа Ангела Камческа и Сања Цветкоска.