ЖРК Куманово сака во новата сезона да биде дел од Лигата на шампионите и тоа го потврди со поднесување барање до РФМ. Вицешампионот од минатата година и освојувач на Купот на Македонија во моментот на прекинувањето на првенството заради коронавирусот беше на лидерската позиција со максимален ефект.
УО реши да важат ланските резултати при распределба на местата за европските купови, и според резултатите од минатата сезона женската екипата на Металург која беше шампион има право на настап во Лигата на шампионите.
Претседателот на клубот Бобан Пеовски ги потврди информации за 24Ракомет околу желбата на клубот да играат во женската лига на шампиони.
„Испративме барање до Ракометната федерација на Македонија за место во Лигата на шампионите. Денеска добивме одговор од федерацијата дека доколку Металург не се пријави за настап до 1. јуни кога истекува рокот ние ќе добиеме место и ќе играме во Лигата на шампионите. Нашете барање е поднесено официјално и очекуваме одлука од РФМ. Сакаме да играме во најдоброто женско клупско натпреварување и да го искористиме местото кое ни го овозможи ЖРК Вардар според нивниот висок рејтинг од претходните години“, рече Пеовски.
Еден од условите на ЕХФ за екипата да може да се натпреварува во ЛШ е квалитетот на ростерот. Во тој поглед од Куманово најавуваат засилувања на тимот веднаш по добивање на позитивен одговор на барањето. Исто така има најава и за зголемување на буџетот на клубот.
„Чекаме потврда од РФМ во најкус можен рок за да можеме да подготвиме конкурентен состав. Анализираме на кои позиции ни се потребни засилувања, кои места во тимот се критични. Планираме тренер на екипата да остане Ненад Краљевски, но треба да се разговара и со тренерите. Можна е соработка со два поголеми спонзори кои би можело да ги интересира Лигата на шампионите, но најпрво да го добиеме местото“, продолжи Пеовски.
Спортската сала во Куманово не е во добра состојба но најавено е нејзино реновирање со помош на Општината Куманово и градоначалникот, за да може ЖРК Куманово своите натпревари да ги игра пред својата публика.
„Апсолутно сакаме натпреварите да се играат во Куманово. Очекуваме летово салата да биде реновирана како што најави градоначалникот. Треба да се санира покривот, подлогата и соблекувалните и сите останати работи со кои ќе ги исполниме потребните услови за одигурвање на европски натпревари“, заврши Бобан Пеовски.
Досега во групите на Лигата на шампионите играле само два клуба од Македонија, долгогодишниот национален шампион Кометал ЃП кој има и еден трофеј и едно финале и последниве години Вардар стигна петпати до Ф4 турнирите во Будимпешта, но за жал остана без трофејот. Во квалификации за елитното натпреварување играа Металург, ТК Бренд и Еуростандард Ѓорче Петров.