Куманово убедлив против „фенерџијата“ Спартак

Ракометарките на Куманово во рамки од 13. коло од Женската лига славеа убедлива победа против Спартак, со резултат 40:20, во натпревар од групата А.

За избраничките на Драгана Ристова денешниот триумф беше десетти во новата натпреварувачка сезона, додека Спартак со 12 порази останува на дното на табелата.

Македонскиот вицепрвак својата работа ја заврши уште во воведниот дел кога поведе со 6:2, потоа дојде до 10:3 и стана јасно дека до крај само ќе ја броиме разликата во корист на домашниот тим.

Спартак, кој на овој дуел настапи со речиси една постава, не можеше да направи нешто повеќе и да се избори за поблаг пораз.

Кумановки на полувреме направија предност од 14 погодоци, 21-7, а во продолжението само се зголемуваше до конечните 20 гола.

Најефикасна на натпреварот беше ракометарката на Куманово, Габриела Величковска со десет погодоци. Во поразениот табор се истакна Јана Ѓошевска со седум реализации.

ЖЕНСКА ЛИГА ГРУПА А