Ракометарките на Куманово во 11. коло од Женската лига беа многу убедливи против големиот конкурент во борба за титулата, екипата на Металург. На домашен терен Куманово славеше неочекувано лесно со 38:27.
Победникот на дербито беше решен многу рано, Куманово имаше извонредно издание и веќе по првиот дел ја обезбеди победата. Клучно за победата на кумановки беше одличната игра во одбрана, а исто така и нападот функционираше беспрекорно. Куманово постигна дури 20 гола во првиот дел што беше доволно за двоцифрена предност. На полувреме беше 20:8.
Продолжението на натпреварот беше формалност, ракометарките на Металург беа немоќни да сторат нешто на овој дуел и сигурно го имаа најлошото издание во сезоната. Куманово имаше највисока предност од 29:10 во еден момент и до крајот само беше неизвесно со кој резултат ќе триумфираат.
Најефикасна во победничкот состав беше Медеа Чокели со десет погодоци, а Мила Трајковиќ реализираше шест пати. Уште еднаш на голот Косновиќ имаше одлично издание. Во составот на Металург најмногу се истакна Јана Калајџиевска со 11 гола, втор стрелец беше Дамчевска со четири погодоци.
КУМАНОВО – МЕТАЛУРГ 38:27(20:12)
Сала: СОУ „Перо Наков“ во Куманово. Судии: Ѓорѓи Начевски и Славе Николов од Скопје. Делегат: Русе Наумовски од Скопје.
КУМАНОВО: Косановиќ, Марковиќ 1, Пецанова, Трајковиќ 6, Ивановска, Боризовска 3, Јовановска, Шарановиќ 5, Чокели 10, Јанкуловска 5, Кипријановска 3, Наумоска, Краљевска, Цветановска, Гичевска 1, Глигоријадис 4.
Седмерци: 1/1. Исклучувања: 14 мин.
МЕТАЛУРГ: Илјаз, Гугуљанова, Владева, Гулицоска, Тасевска 3, Смајловска, Арсениевска, Алексоска 2, Темелковска 1, Дамчевска 4, Калајџиевска 11, Божиновска 2, Граматова 3, Стефановска 1, Петковска, Паскал.
Седмерци: 5/7. Исклучувања: 4 мин.