Ракометарките на Куманово ја забележаа четвртата победа во четвртиот натпревар во рамки на Женската лига.
Куманово на домашен терен ги освои бодовите со доминантна игра и убедлива победа против Овче Поле Славјански Универзитет со 49:18.
Победникот беше познат уште во почетната фаза од натпреварот. Куманово отвори со 3:0, а потоа беше и 10:4. Следуваше фантастичен период на домашната екипа која направи серија 13:0 и на полувреме замина со предност од 28:7.
Второто полувреме кумановки го одиграа рутински. Тренерот Ненад Краљевски ја подели минутажата на сите ракометарки и сите се запишаа во листата на стрелците. Овче Поле СУ немаше никакви шанси против кандидатот за највисок пласман.
Најефикасни во составот на Куманово беа Трајковиќ и Кипријановска со по осум погодоци, а Боризовска постигна шест гола. Во екипата на Овче Поле СУ најмногу се истакна Елена Вучевска со шест гола.