Ракометарките на Куманово имаа лесна задача на гостувањето кај Кузман Вардар и славеа многу убедлива победа. Кумановки како на полесен тренинг го наполнија голот на домашниот тим и триумфираа со 53:14.
Фаворитот на дуелот целосно ја оправда улогата и од самиот старт го диктираше темпото. После водството на гостите од 0:3 и 2:8 многу брзо потоа веќе предноста во корист на Куманово беше двоцифрена.
До крајот на првиот дел Кузман Вардар веќе имаше 20 гола негатива, на пауза резултатот беше 9:29. Во второто полувреме продолжи доминацијата на Кумановки кои остварија висок триумф за продолжување на добрата серија во новата сезона.
Предводнички на Куманово во триумфот беа Пена Граматова со 11 погодоци, додека Ива Димитриевска и Тамара Боризоска постигнаа по десет гола. Исто така ефикасна беше и Матеја Јовановска со девет гола. Во екипата на Кузман Вардар се истакна Јована Ангеловска со шест гола.