Ракометарките на Куманово направија голем чекор напред кон одбрана на титулата, откако славеа на гостувањето кај Вардар со минимални 25-26.
Во првиот дел гостинките диктираа темпо, имаа контрола на резултатот и на пауза заминаа со водство, 11-14. Избраничките на Драгана Ристова во вториот дел се вратија во игра, стигнаа до реми, 18-18.
Повторно следуваше лош период во нападот на домашниот тим, па девојките на Александар Бојковски се вратија во предност и стигнаа до плус два, 18-20. Во продолжение беше и 24-24, но вардарки промашија пенал, потоа и зицер, па Куманово со головите на Кипријановска и Цветановска ги обезбеди трите бода.
Најдобри стрелци кај Куманово беа Кипријановска со осум и Алмеида со пет гола, додека кај Вардар се истакна Ивона Трпевска со шест гола, а солидна на голот беше Андреа Илиќ.
Сега Куманово има 36 бода, Ѓорче Петров е втор со 33, па овие две екипи во последните две кола ќе решаваат за шампионот.