Екипата на Куманово во натпревар од 2. коло од плеј-оф фазата во Првата машка лига забележа победа против Работнички, со резултат 31:28. Кумановци до победата стигнаа откако го скршија отпорот на Работнички по десет минути игра во второто полувреме.
Ракометарите на Работнички со голот на Ефтимов во воведниот дел поведоа со 1:0 и потоа имаа водство и од 2:1. Домашната екипа од 5. минута, па сѐ до 20. минута ја диктираше играта на терен. По нерешениот резултат од 4:4, домаќините со серија од 4:0, која беше дело на Тасевски, Цветковски, Даневски и Петковски, се одлепија на четири гола разлика, 8:4.
Со иста мера возврати и составот на Работнички и со четири гола во низа дојде до изедначување на резултатот, 8:8. Куманово преку Даневски конечно ја прекина лошата игра и дојде до минимално водство од 9:8. До крајот на првото полувреме се играше гол за гол и најчесто резултатот беше изедначен. По 30. минути игра, двете екипи на пауза заминаа со нерешен резултат, 15:15.
На почетокот на второто полувреме црвен картон поради три исклучувања заработи ракометарот од Работнички, Дамјан Јакимовски. Во 34. минута, исто поради три исклучувања, црвен картон доби Стефан Дамески од гостинскиот тим. Куманово со погодоците на Тасевски и Петковски стигна до плус два, 17:15. Гостите од Скопје издржаа до 40. минута и во останатиот дел од натпреварот Куманово ја имаше целосната контрола на терен.
За првпат на натпреварот, односно во 40. минута, домаќините дојдоа до плус три, 23:20 и по неколку минути стигнаа и до четири гола разлика, 24:20. Ракометарите на Куманово водеа и со плус пет, 26:21, додека гостите немаа многу време за камбек на натпреварот и веќе во последниот период како да кренаа раце од дерби дуелот.
Во победничката екипа се истакнаа Влатко Тасевски со седум, како и Виктор Петковски и Јован Даневски, кои постигнаа по шест погодоци. Листата на стрелци кај Работнички беше предводена од Ѓорѓи Дука со десет погодоци.