Куманово го доби првото полувреме против Вардар за Куп трофеј

Во финалето од Купот на Македонија во женска конкуренција меѓу екипите на Куманово и Вардар, резултатот на полувреме е 15:12 во корист за екипата на Куманово.

Избраничките на Димитријески го отворија дуелот, поведоа со 1:0, но ,,црвено-црните” бргу возвратија за 1:1. По нерешените 3:3, тимот на Вардар го презеде водството, откако Миновска реализираше за 4:3. Куманово имаше проблеми во организацијата, но Вардар во два наврати не успеа да го зголеми водството на ,,плус два”.

Црногорската интернационалка во редовите на Куманово, Зечевиќ, со својот втор гол го израмни резултатот на 4:4 во 10-та минута. Вардарки со одбрамбената зона 5-1 успешно ја затворија Андреза, па така ,,црвено-црните” со серија од 2:0 се одлепија на 6:4, а кон средината на првиот дел не реализираа пенал за три позитива.

Следуваше период, во кој Вардар одржуваше резултатска предност од еден до два гола разлика. Сепак, Куманово не се откажуваше и во 18-та минута дојде до израмнување, 8:8. Куманово предводен од незадржливата Андреза најпрво дојде до 9:9, потоа со уште два гола во низа и до два гола позитива, 11:9.

Стефаноска со одличен гол ја прекина гол серијата на Куманово, намали на 11:10 во 25 минута, минута подоцна Миновска донесе ново изрманување, 11:11. Ракометарките на Куманово до крајот на полувремето беа подобри на теренот и на пауза заминаа со предност од 15:12.