Малку недостасуваше крајот на средбата во Неготино да донесе и повеќе од драма, но голманот Стефан Кимевски не им дозволи на домашните ракометари на Вардар да се понадеваат на бодови. Го одбрани клучниот пенал на 36 секунди до крај на средбата, а потоа и уште еден пенал со кој Куманово само ја потврди победата од 26-24 (15-12) против Вардар Неготино.
Гостинскиот тим од Куманово ги освои првите бодови сезонава во машката Супер лига, а крајниот резултат не е вистински одбраз на текот на средбата и како се движеше резултатот. Тоа беше дуел на двете дебитантски тимови кои сезонава првпат изборија пласман во елитната лига. Домашниот тим останува на дното на табелата со три порази по ред, а Куманово со три веќе е на средината на табелата.
Неизвесно беше само во почетните минути кога Вардар Неготино поведе со 2-0 а потоа и со 3-2. Откако Куманово го презеде водството во 11 минута, па се до крај на средбата имаше предност која на моменти беше и „плус 6“. Кумановци ја користеа секоја шанса, знаеја да реализираат, трпеливо и пред се прецизно.
Неготино не најде начин да им парира на гостите, иако во тимот го имаа и Петар Ангелов кој ден претходно беше регистриран за тимот и се врати онаму каде лани настапуваше и беше тренер.
Се обидуваа домаќините да се вратат во игра, но не можеа да најдат начин како да ја пробијат одбраната на гостите, а истовремено и самите да ги затворат сите приоди до нивниот гол. Премногу лесно примаа голови.
Во последните минути дојде неизвесноста кога Вардар намали на 26-24 и имаше можност за контра кога груб фаул направи Вучко Мрмовиќ спречувајќи можност за гол. Пеналот на Стефан Кочаров го одбрани Стефан Кимевски. Вардар остана во напад, а потоа Кимевски одбрани уште еден пенал, овојпат на Костадин Петров.
Заслужено се радуваа гостите на бодовите на средба на која имаше 17 исклучувања и три црвени картони.
Кај гостите најефикасен беше Вучко Мрвовиќ со 6 гола, а Стефан Коловски еден помалку. Во домашниот тим по четири голови дадао Мартин Стоилковски, Костадин Петров и Стефан Кочаров.
Во следното коло Вардар Неготино е домаќин на Бутел, а Куманово дома го пречекува Охрид.