Екипите на Куманово и Голден Арт во натпревар од 3. коло од плеј-аут фазата во Суперлигата одиграа неизвесен дуел, со многу возбудувања и пресврти, а крајниот исход од денешната средба беше победа за домашната екипа од 26:25.
За Куманово победата против Голден Арт е трета по ред во борбата за опстанок во најквалитетното натпреварување во Македонија. Голден Арт денес го забележа вториот пораз во плеј-аут фазата.
Гостите од Скопје имаа лош почеток, влегоа во грч и дозволија тимот на Котевски да доминира во првите десет минути. Домаќините по десет минути игра имаа највисоко водство од три гола разлика, 4:1. Голден Арт само за момент намали на 4:3, бидејќи тимот на Куманово преку расположениот Кастратовиќ, кој во првото полувреме постигна шест погодоци, повторно дојде до позитивата од стартот, поведе со 6:3.
Во тимот на Глигоров проработија Милошески и Миланов и гостинскиот тим со подобрата ангажираност најави дека ништо не е готово. Куманово откако водеше со 9:7 влезе во криза и не успеа да го сочува водството до паузата. Тимот на Голден Арт во 20 минута направи комплетен пресврт, го презеде водството и поведе со 10:9.
До крајот на полувремето подобриот тим на теренот беше гостинот, кој одржуваше предност од еден до два гола разлика. На полувреме резултатот беше 14:12 за тимот на Голден Арт.
Куманово во продолжението за само две минути игра го израмни резултатот на 15:15. Двата табора постигнаа по еден брз гол, беше 16:16 во 35 минута, додека минута подоцна кружниот напаѓач Ѓурковиќ го врати водството на домаќините, постигна атрактивен гол за 17:16.
Оваа разлика од еден гол предност на домаќинот беше константна во речиси најголемиот дел од второто полувреме. Голден Арт во 45 минута не успеа да реализира за водство откако беше нерешено, 19:19, така што домаќините со голот на Кастратовиќ казнија за 20:19. Во финишот имаше голема неизвесност, бидејќи на десет минути пред крајот резултатот беше 20:20 и само нијанси одлучуваа за исходот од денешниот дуел.
Откако беше 22:22, тимот на Голден Арт во 55 минута не успеа да погоди од пенал, а домаќините од иста ситуација преку Мрвовиќ повторно дојдоа на гол позитива, 23:22. Милошески на две минути пред крајот израмни на 23:23, беше 24:24 и 25:25 во последната минута. На десет секунди пред финишот гол постигна членот на Куманово, Тасевски за 26:25, додека за гостите не остана доволно време за реализација.
Најефикасен во победничката екиша беше Владан Кастратовиќ со десет погодоци. Кај Голден Арт гол помалку, односно девет, постигна Христијан Милошески.