Ракометарките на Куманово до средината на март ќе го очекуваат името на противникот во четврт-финалето од ВРХЛ лигата, која е женска верзија на машката СЕХА. Кумановки се првопласирани во својата група, но во другата има уште еден турнир, а најверојатно Јагодина ќе биде клубот со кој ќе бидат одмерени силите.
Со оглед на тоа што кумановки играа во втората група по квалитет тие треба да бидат домаќинки на тој дуел, кој е закажан да биде одигран на 18 април.
Ова ќе биде денот кога ќе се добие одговорот дали Куманово ќе успее да се најде на завршниот турнир кој би требало да се игра на средина на мај, односно 16 и 17 мај.
Во групата со Куманово играа Рудар од Црна Гора, Груде од БиХ и Зајечар од Србија. Првата група која беше со екипи кои играат во Лигата на шампионите и Купот на ЕХФ, ја сочинуваат Будуќност (Црна Гора), Крим (Словенија), Подравка (Хрватска) и Јагодина (Србија).