Кулеш се прости од Келце, се сели во Монпелје?

Репрезентативецот на Белорусија, Владислав Кулеш, кој настапуваше за составот на Келце од сезона 2018/19 и имаше актуелен договор со клубот од Полска и за новата сезона, преку социјалните мрежи објави дека си заминува од полскиот шампион.

Келце на левата бековска позиција во следната сезона ќе ги има на располагање Даниел Душебаев, Симон Сичко, Томас Гебала… па така ракометарот од Белорусија тешко дека ќе дојдеше до било каква минутажа во тимот на Талант Душебаев.

Кулеш преку социјалната мрежа Инстаграм се збогуваше од Келце и од навивачите на клубот, истакнувајќи дека минал одлично време во тимот и изрази голема благодарност до најверните фанови на Келце.

,,Драги фанови, ова го пишувам со голема болка, но време е да се збогуваме. Доаѓајќи овде во 2018 година, не мислев дека Келце ќе стане мојот втор дом. Прекрасно си поминав овде. Во лоши моменти секогаш докажувавме дека сме едно големо семејство. Пред сѐ, тоа е ваша заслуга. Вие ми дадовте многу сила кога работите не одеа некогаш, според мене тоа е непроценливо. Многу сум ви благодарен за сѐ. Многу ми е жал што не се поздравивме лично… БЛАГОДАРАМ! Голема благодарност до моите соиграчи, тренери, стручниот штаб, раководството, сите вработени во клубот и спонзори на Келце”, напиша Кулеш.

Според информациите на 24Ракомет, репрезентативецот на Белорусија најблиску е до договор со екипата на Монпелје, која сѐ уште работи во формирањето на тимот за новата натпреварувачка сезона.

Ракометарот од Белорусија пред да се пресели во Келце настапуваше за екипата на СКА Минск. Во трите сезони минати во Келце постигна вкупно 120 погодоци во Лигата на шампионите.