Кукиќ: Сакам да бидам меѓу најдобрите средни бекови

Репрезентативецот на Србија, Лазар Кукиќ во новата сезона ќе настапува за амбициозниот тим на Динамо Букурешт. Трансферот во романскиот шампион го обезбеди, откако минатата сезона покажа одлични настапи во Лига на Европа и заедно со екипата на Бенфика ја освои титулата во второто по ранг квалитетно европско натпреварување.

Да не се случеше конфликтот во Украина, можеби Кукиќ ќе настапуваше во Мешков Брест, бидејќи минатата година потпиша договор со белорускиот шампион и требаше да биде замена за екс ракометарот на Вардар, Сташ Скубе. Сепак ситуацијата во Украина беше главна причина Кукиќ да не го реализира трансферот во Мешков Брест, а челниците на Динамо Букурешт со фантастична понуда го донесоа репрезентативецот на Србија во своите редови.

Според романскиот портал „ГСП“, Кукиќ ќе биде еден од најплатените ракометари во романскиот шампионат со месечна плата од околу 12.000 евра. Србинот во интервју за „Моцарт спорт“ изјави дека се двоумел дали да остане во Бенфика или да се пресели во Букурешт, но клучен фактор за прифаќањето на понудата од Букурешт било тоа што романскиот шампион ќе учествува во Лигата на шампионите.

,,Динамо Букурешт не беше во мојот план, бидејќи потпишав договор со Мешков Брест и мислев дека ќе заминам во Белорусија. Но, тогаш почна овој хаос со Русија и Украина и таа опција не беше навистина реална. Потоа добив повик од Букурешт и ми се допадна идејата. Имав дилема околу Бенфика, не бев ни свесен што и како е најдобро, но потоа амбициите одлучија каде да ја продолжам кариерата. Поточно, пресуден беше фактот дека со Букурешт ќе играм во Лигата на шампионите. Поминав прекрасно време во Бенфика. Сега ќе работам со врвен тренер кој има добро искуство, па убеден сум дека доаѓањето во Букурешт е правилен избор”, изјави Кукиќ.

Новиот ракометар на Динамо Букурешт во изминатата сезона ја одигра најдобрата партија во кариерата. Ракометарите на Бенфика во финалето од Лига на Европа го совладаа Магдебург, а Кукиќ беше меѓу најдобрите стрелци во португалската екипа и еден од најзаслужните за освоената титула.

,,Сфатив и покажав дека навистина можам да бидам врвен играч. Сите на своја кожа чувствуваат дека има уште простор за подобрување и напредок. Мојата желба е да бидам меѓу најдобрите пет средни бекови и да настапувам во моќни клубови. Минатата сезона како тим одигравме подобро, созреавме, го победивме Рајн Некар во квалификациите за Лига Европа и потоа сите не отпишаа. Сепак, победивме, созревавме уште повеќе и тренерот ми даде одврзана рака, тогаш се тргна во добар правец”, рече Кукиќ.

Во својата кариера, Кукиќ немаше прилика да игра во Лигата на шампионите. Сега со Динамо Букурешт ќе има шанса да ги покаже своите квалитети во европската елита и со новите колеги да се бори за висок пласман во елитното европско натпреварување.

,,Мислам дека настап во Лигата на шампионите е сон на сите. Порано гледав како врвните играчи и клубовите се борат таму, а сега ќе играм со нив. Веќе следната година со Динамо Букурешт би можеле да се бориме за пласман на Ф4 турнирот. Добив шанса да се докажам во елитата, го изградив својот пат за наредните години и имам уште многу да направам”, заврши Кукиќ за „Моцарт спорт“.

Искусниот ракометар во својата кариера освен за Бенфика, настапуваше и за Ла Риоха од Шпанија и за матичниот клуб од Белград – Партизан. За репрезентацијата на Србија настапува од 2016 година.