Ракометарките на Пелистер имаа лесна задача во 13. коло од Женската лига и на гостувањето кај Кузман Вардар славеа лесна и убедлива победа од 18:31 со која се пробија на 4. позиција на табелата во групата А. Сега ќе чекаат пораз на Шампион од Деспина, а притоа ќе мора да го совладаат прилепскиот тим во последното коло за да се надеваат на место во плеј-офот.
Уште од самиот почеток гостите ја најавија победата, поведоа со 1:4, но домашниот тим за момент успеа да се врати во натпреварот и намали на 5:6. Тоа беше сè што можеше да стори Кузман Вардар, до крај на првиот дел Пелистер доминираше и обезбеди високо водство од 6:15.
Во продолжението домашните беа немоќни, тешко постигнуваа голови и имаа сè поголема негатива. Ракометарките на битолскиот тим доминираа на теренот и сигурно го водеа натправрот кон победа. На крајот забележаа триумф со огромни 13 гола.
Најефикасна во победничкиот тим на Пелистер беше Марија Јанкуловска со осум погодоци, додека шест постигна Драгана Милосављевиќ. Во составот на Кузман Вардар се истакна Анастасија Ѓорѓиева која постигна осум гола.