Горан Кузманоски од новата сезона ќе отвори ново поглавје во животот. Прилепчанецот ја заврши играчката и ќе започне тренерска кариера на местото каде што влезе во ракометните води – неговиот роден град.
Како играч потекна од Тутунски Комбинат Бренд, а по одличните настапи за младинската репрезентација 2002 година на Европското првенство, се пресели во Вардар. Таму не ја доби посакуваната шанса, па замина во Автокоманда и во Металург играше три сезони, до 2007 години.
Од македонските тимови играше за Пролет и Еурофарм Пелистер во последните две сезони, додека на интернационална сцена настапуваше за португалската Мадеира, шведскиот Трелеборг, шпанската Виља де Аранда и романскиот Одорхеи, во кој остави најголема трага и остана седум години.
Кузманоски се нафати на голем предизвик, да го води Прилеп по камбекот во елитното друштво и ќе има тешка задача.
На социјалните мрежи се заблагодари на сите што биле дел од неговата играчка кариера…