Тимот кој се враќа во Супер лигата, Прилеп во новата сезона влегува со многу новитети. Во своите редови има млад тренер, кој ќе дебитира на клупата на еден клуб, па Горан Кузманоски ќе има сериозна задача. На него е да го поведе овој клуб во тешката сезона, но во исто време и да покаже дека може да биде лидер на овој тим.
Во своите редови има главно млади ракометари, но тоа ќе претставува голем предизвик и за него како тренер бидејќи ќе може сето она што го стекна како играч да го пренесе на играчите од кои се очекува да го вратат Прилеп на позициите кои ги заслужува.
„Се паднавме во потешката група и да бидеме реални ќе биде навистина тешко. Во нашата група се издвојуваат Металург и Бутел Скопје, но другите тимови ќе имаат голема борба. За нас годинава во прв план е опстанокот. Не треба да се залажуваме дека ќе можеме преку ноќ да влеземе во битка за плеј-оф. Не сакаме да се залажуваме и да наметнуваме амбиции за плеј-оф. Ќе треба да работиме полека. Имаме млада екипа во која има неколку поискусни ракометари. Затоа нема да се залетуваме. За овие момци од генерацијата 2000 и 2002 е потребно време. Ќе ни треба период за работа и сметам дека ако останеме заедно во следните 2-3 години ќе може да се бара потоа и резултат“, вели тренерот Кузманоски за 24Ракомет.
Тимот на Прилеп веќе има план за тренинзи, а тие ќе се одвиваат според протоколот, кој е зададен за одработување на тренинзите и организација на натпревари.
„Од утре почнуваме со подготовките. Ќе работиме на отворено како што налага протоколот. Потоа ќе имаме тренинзи и во сала во групи, но според она што е предвидено. Ќе се обидеме да договориме и контролни средби пред заминување на турнирот во Струга. Инаку, комплетирањето ќе биде на крајот на оваа седмица. На 2 август пристига ракометарот од Грузија така што од следниот понеделник ќе бидеме и комплетни на тренинг“, коментираше Кузманоски.
Екипата на Прилеп се најде во Групата Б во која се најдоа и екипите на Металург, Работнички, Младост Богданци, ГРК Тиквеш, Бутел Скопје и Еурофарм Пелистер 2.