Макеоднскиот репрезентативен бек Филип Кузмановски ќе има нов бундеслигашки предизвик. По една одиграна сезона во Магдебург, битолчанецот се сели во Хановер, уште еден амбициозен клуб од најсилната лига на светот.
Раководството на Хановер изјави дека уште во минатото го посакувале Кузмановски, но трансферот се реализира дури сега.
„Филип има голем потенција за развој. Тој е комплетен играч кој има квалитети на двете страни од теренот и ќе ја зголеми нашата игра со динамика. Ние го посакувавме уште пред година и пол, но тогаш од Металург тој замина во Еурофарм“, рече спортскиот директор на Хановер, Свен-Сорен Кристоферсен.
Кузмановски вчера и официјално го стави потписот на новиот договор, а денеска беше и официјално објавено.
„Едвај чекам да одам во Хановер, во градот, да запознаам нови луѓе. Со сите кои разговарав ми дадоа многу позитивно мислење за новата средина“, изјави Кузмановски.
Тој ќе ја доработи сезоната со Магдебург и му се заблагодари на клубот за дадената шанса..
„Му благодарам на Магдебург, клубот што ми овозможи да се здобијам со прво бундеслигашко искуство. Дефинитивно ќе останеме во контакт, којзнае можеби некогаш пак ќе соработуваме“, изјави Кузмановски.
Битолчанецот ја започна кариерата во Пелистер, ги бранеше боите на Металург и Еурофарм Работник, а сега ќе го има вториот интернационален предизвик.