Кузмановски доби нов соиграч во Хановер

Екипата на Хановер во која настапува репрезентативецот на Македонија, Филип Кузмановски, реши да го ангажира искусниот голман од Кил, Дарио Квенштет.

Неговиот договор со Хановер ќе стапи на сила од следната сезона и ќе трае две години, односно до јуни, 2024 година. Во екипата на Хановер, Квенштет ќе добива поголема минутажа. 32-годишниот голман во Кил беше во сенка на еден од најдобрите голмани на светот, Никлас Ландин.

Квенштет истакна дека голема улога за неговиот потпис со Хановер одиграле разговорите со управата на клубот, но и со главниот тренер, Кристијан Прокоп.

„Имав неколку понуди од бундеслигашки клубови и од странство. Во Хановер, целокупниот пакет беше токму за мене. Одлучувачки беа разговорите со одговорните во клубот, особено со тренерот, Кристијан Прокоп, кого многу добро го познавам и ценам како тренер. Но, улога одиграа и условите за тренирање во Хановер и релативната блискост со моите родители, роднини и пријатели. Целта е со тимот да се вратиме на првите места на табелата. Покрај тоа, со нетрпение очекувам да добијам поголема минутажа, поголема од таа во Кил“, изјави Квенштет за клупската страна на Хановер.

Покрај меѓународното искуство во Лигата на шампионите и Купот на ЕХФ, Квенштет може да се пофали и со 15 официјални настапи за сениорската репрезентација на Германија. Во својата кариера беше дел и од екипите на Магдебург и Либек.