Тимот на Вецлар, каде што игра македонскиот репрезентативец Филип Кузмановски, а асистент тренер е Филип Миркуловски, на лето ќе остане без предводник.
Со актуелниот стратег Хрвоје Хорват нема да биде продолжена соработката, а раководството на Вецлар веќе започна со потрага по неговиот наследник.
Според пишувањата на „ТВП Спорт“, меѓу кандидатите за нов тренер во Вецлар се поранешниот селектор на Полска и актуелниот селектор на Србија.
Патрик Ромбел остана без работа по Светското првенство во Полска и Шведска, додека Тони Херона ќе продолжи да биде селектор на Србија, но заминува од францускиот Шарт на лето.
Вецлар игра сезона за заборав, имаше лоша серија порази во Бундес лигата, што ја прекина минатиот викенд, но до крајот на сезоната му претстои битка за опстанок.