Кузмановска: Салата ја гледавме само за натпревари…

Екипата на Кузман Вардар ја игра втората сезона во Супер лигата и главно се состои од ракометарки генерација 2005. Поради неискуството, проблемите со сала и немањето услови за тренинг, Кузман Вардар, ги забележа очекуваните резултати. Поради проблемите и составот на екипата доживеа големи промени.

Тренерот на Кузман Вардар, Александра Кузмановска како главен проблем ги наведува условите во кои тренираа нејзините ракометарки, без сала и со само неколку тренинзи во неделата на отворено.

Натпреварите нејзината екипа ги играше на гостински терен како формални домаќини. Се надева дека во продолжението ситуацијата ќе се подобри, а со тоа и условите за тренирање и постигнување на резултати, што е неопходно во секој спорт.

„Во досегашното мое искуство како тренер можам да кажам дека ова е најстресната сезона до сега. Останавме прво без сала поради ковид ситуацијата. Нашата сала остана можеби единствена затворена на територијата на град Скопје. Како клуб останавме едиствени без место за тренинг и натпревари. Сакам да се заблагодарам на сите екипи кои ни излегоа во пресрет. Со проблемите од салата почнаа да се надоврзуваат и други проблеми, пример, некои ракометарки си заминаа од клубот бидејќи немавме услови за тренинг. За одржување на формата работевме и преку некои платформи, но навистина беше тешко. Како што се ширеше заразата со ковид пандемијата останавме и без неколку ракометарки кои имаа позитивни случаеви во нивните семејства. За продолжението од сезоната  тешко е да се најде сала, имаме некои фиксни тренинзи во три различни сали, иако не е доволно сепак е подобро од првата полусезона каде салата ја гледавме само за натпревари. Работиме напорно и ќе се потрудиме многу повеќе во овој дел. Првенствено е да прикажеме добра игра. Нашата екипа е релативно млада и оваа сезона ќе ја искористиме за искуство, нормално, секогаш ќе се бориме за победа”, рече Кузмановска за 24Ракомет.

На табелата, Кузман Вардар се наоѓа на 13. позиција и до овој момент има забележано една победа. Младата екипа можеше да одигра и поквалитетна полусезона, но неискуството и неодржувањето на тренинзи си го направи своето.

„Во првата полусезона забележавме една победа, а бевме блиску до барем уште две, но неконтинуитетот на тренинзи си го направи своето. Едноставно девојките се собираа од натпревар на натпревар, не можам да им замерам апсолутно ништо. На моменти играа многу добро и тешко е да се издржи цел натпревар без тренинг, особено во тоа забрзано темпо на натпревари. Најмладите членови на екипата добиваат минутажа и добро се вклопуваат во екипата со оглед на нивното неискуство. Чекаме да се вратат и неколку повредени ракометарки и ќе биде уште подобро. Им благодарам на девојките на посветеноста и упорноста, верувам во нив”, заврши Кузмановска.